ФК „Македонија Ѓорче Петров“ е македонски фудбалски клуб од Ѓорче Петров, оформен во 1932 година. Клубот настапува во Првата македонска фудбалска лига.
Клубот бил оформен во 1932 година под името „Ханриевски Аматерски Спортски Клуб“ (Х.А.С.К.), а подоцна ги носел и имињата „Победа“, „Рудар“, „Индустријалец“, „Локомотива“. Во сезоната 1970/1971 го добил името „Југококта“, се до сезона 1989/1990 кога го добил сегашното име.
Македонија Ѓ.П. настапува на стадионот Ѓорче Петров, со капцитет од 3000 седишта. Во 2005 година била изградена западната трибина на стадионот, кој е познат и под името „Кокта“. По катастрофалниот земjотрес во Скопје во 1963 година, стадионот на тогашен ФК „Рудар“ бил одземен од државата за да бидат изградени монтажни бараки за настраданото население, и било доделено новото игралиште на сегашното место. Во 1970 година, ФК „Рудар“ (подоцна под името ФК „Југококта“) влегол во тогашната македонска фудбалска лига, и морало да бидат изградени трибина, соблекувални и други попратни елементи за да може да учествува во тоа натпреварување. Така во септември 1970 започнала изградбата на источната трибина. Екипата играла есента на стадионот на ФК Цементарница во Скопје. Трибината, поттрибинскот простор и соблекувалните биле предадени во употреба во март 1971, и првиот натпревар се одиграл на 12 март, со екипата на ФК Кожуф од Гевгелија, при што победила екипата на ФК Југококта со 2:0. Со изградбата на трибината бил направен и теренот, и била поставена трева (бусен). Во сезоната 2005/2006, со промената на раководниот тим, изградена била новата западна трибина, како и нови канцелариски простории, теретана со сите пропратни справи за вежбање и нови соблекувални. Исто така реновирано било и помошното игралиште на кое била поставена вештачка трева.
Позначајни настани
1932: Оформен е клубот под името Х.А.С.К., а подоцна ќе ги носи и следниве имиња: Локомотива, Рудар, Победа, Индустријалец, Рудар итн.
1969/70: Рудар е победник во Скопскиот потсојуз, и во квалификациите изборува место Македонската Републичка Лига, 3 ранг на натпреварување.
1970: Клубот почнува професионално да се натпреварува, и го носи името Југококта.
1971: На 12 март 1971 година се одигрува првиот натпревар на стадионот Ѓорче Петров, кој завршува со победа на тогашната Југококта,
Југококта – Кожув 2:0.
1976/77: Првопласиран во Вардарски Фудбалски Регион (4 Лига).
1980/81: Младинците на Македонија Ѓ.П. го освојуваат Купот на Македонија по победата на Осогово од Кочани.
1989/90: Од оваа сезона клубот го носи името ФК Македонија.
1991/92: Младинците на Македонија Ѓ.П. го освојуваат Купот на Македонија.
1991/92: Клубот настапува во 3 Југословенска Лига-Исток.
1992/93: Со оформувањето на 1 М.Ф.Л. Македонија Ѓ.П. станува дел од првата лига.
1993/94: Испаѓа од првата македонска лига и се преселува во 2 македонска лига.
1994/95: Македонија Ѓ.П. го освојува првото место во 2 М.Ф.Л.-Запад и експресно се враќа во првата лига.
1997/98: Клубот го завзема третото место на табелата, и за првпат во својата историја изборува пласман во некое Европско натпреварување.
2003/04: Младинците на Македонија Ѓ.П. во младинското финале од купот на Македонија го декласираа кичевски Напредок, а Горан Наумовски-Пуле беше стрелец на сите четири гола за Македонија Ѓ.П.
2004/05: Македонија Ѓ.П. го освојува трето место во 2 М.Ф.Л., и изборува да игра бараж средба, во која ќе биде подобра од Маџари Солидарност. По три сезони играње во понизок ранг, клубот се враќа во елитата на Македонскиот фудбал.
2005/06: Македонија Ѓ.П. го освојува Купот на Македонија со победата над тетовска Шкендија во финалето со 3:2, а третиот гол што го постигна Филип Ивановски во судиското продолжение е вистинско ремек дело. А исто така завршува како второпласиран тим на табелата во 1 М.Ф.Л.
2008/2009: Македонија Ѓ.П. на крајот од ова првенство е на чело на табелата и ја освојува титулата “Фудбалски Шампион на Македонија”.